По 62 пат велосипедистите го превртуваат Скопје, окупирајќи ги улиците со барања за поголеми велосипедски права и еднаквости на улицата. Овој пат се возеше под мотото „Заспана контрола – сообраќај чудовиште!“. А како се одвиваше овој настан и што претставува тој дознајте подолу.

Cover дизајн: Симона Ничева

 Критична маса

Пред да ве запознаеме со причината за одвивање на оваа критична маса, мора да се вратиме кон корените и основите на самото движење.

Според официјалниот блог  на #НаТочак – „Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едно место и заедно се возат по улиците од нивниот град. Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за Масата.“

Е сега веројатно се прашувате кои се овие #НаТочак кои ја организираат критичната маса во Скопје? 

„На Точак“ е неформална група скопски велосипедисти, оформена првично преку социјални мрежи. Цел на „На Точак“ и на организирањето на Критична маса во Скопје е популаризација на точакот како урбано превозно средство.

Запознаени со ова, вреди и да ве запознаеме со одвивањето на самата маса. Секоја последна среда во месецот т.н. точакољупци се собираат на претходно одредена локација (и со одредена маршута по која ќе се вози), почетно време – 17:30, освен во лето кога е 19:00. Соодветно, секоја маса се вози под одреден слоган (порака која се испраќа до властите и сограѓаните) за подобрување на вело структурата во градот.

Критична Маса #62

Оваа среда Критичната маса се одви под мотото  „Заспана контрола – сообраќај чудовиште!“. Барањето навидум многу едноставно – обезбедување на велосипедски патеки кои се слободни за користење од страна на скопските велосипедисти, и на кои нема паркирани возила. Соодветно и барање одговорност од страна на сообраќајната полиција која треба да е одговорна за обезбедување на слободните патеки, а и одговорност од страна на возачите на автомобилите кои постојано паркираат.

И покрај кратката рута (види ТУКА) заради топлото време, сепак овој настан беше добропосетен. Крајната цел на масата беше протестниот пикник на Климент Охридски, една од улиците каде на граѓаните на Скопје не им е обезбедено безбедно и проточно движење на точак и покрај тоа што велосипедски ленти во моментов постојат.

Ѕирнете како си поминавме преку галеријата подолу.

Фотографии: Ангела Петровска и Христина Трајкоска